Во Македонскиот фудбалски шампионат се игра 25. рунда, а во неа на програмата е малото скопско дерби во кое Македонија ЃП гостува на Арената Тодор Проески на мегдан со тимот на Вардар.
Како поинаку да се опише овој дуел освен дека ќе биде меч во кој бодовите се императив за двата табора.
Македонија ЃП во моментов не е во состојба да губи. Не смее тој луксуз да си го дозволи затоа што на клубот ќе му се случи најлошото односно може да се пресели во понизок ранг.
„Никој не би сакал тоа да се случи. Ниту пак помислуваме на таков развој на настаните. Нема друга опција за нас, туку само борба до крај. Македонија ЃП ќе се бори до крај. На секој меч, на секој терен, против секој противник“ – вели искусниот Филип Стојчевски.
„Лавовите“ во моментов се деветти на табелата со 23 бодови, додека Вардар секако е лидер со 58. Мечот на Арената стартува од 15:30 часот.





