Струга Трим Лум не го стартуваше пролетниот дел од првенството според своите планови, со оглед дека го загуби дербито во Тетово против Шкендија. Но, нема многу време за анализи и впечатоци, затоа што следи нов предизвик, денешниот дуел со Силекс на домашен терен.
Младинскиот репрезентативец Меметриза Хамза вели дека екипата е целосно подготвена на натпреварот на кој не смее повторно да се киксне.
„Подготвени сме и за овој натпревар, исто како и за претходните. Силекс го анализиравме доволно и се надеваме дека на крајот ќе ги освоиме сите три бода“, вели Хамза.
Тој потенцира дека натпреварот против Шкендија бил само лош ден за нивниот тим и дека веќе е заборавен, со цел да се фати серија на позитивни резултати.
„На почеток сме од пролетниот дел од шампионатот и можам да кажам дека дуелот против Шкендија беше само еден лош ден за нас како екипа. Тоа веќе е минато и сега сме целосно фокусирани на следните натпревари, пред сѐ на денешниот дуел против Силекс. Веруваме дека нема да погрешиме и многу брзо ќе им се вратиме на позитивните резултати“, изјави Хамза.

За противникот, само пофални зборови и респект.
„Силекс има многу добар тим, но ние играме на нашиот стадион, пред нашите навивачи, за првпат во официјален натпревар во 2026 година. Како и секогаш, го почитуваме секој противник што доаѓа во Струга, но на теренот работите се поинакви. Таму ќе се обидеме да ги освоиме трите бода и да ја продолжиме трката за титулата“, порача Меметриза Хамза.
Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Силекс се игра со почеток од 14 часот, на Градскиот стадион во Струга.





