Трета победа на екипата на Струга Трим Лум во шампионатот на Македонија. На домашен терен стружани беа подобри од Работнички со 2:0, нанесувајќи му го третиот пораз на тимот од Дебар Маало во сезоната, оставајќи го без ниту еден освоен бод.
Мечот изобилуваше со малку шанси, особено во првиот дел, додека во второто полувреме резултатот беше далеку подобро. Најпрво домашните пропуштија шанса за двојно водство порано, а потоа Работнички не реализираше за израмнување, за на крај Малески стави печат на третиот триумф.
Првите поголеми возбудувања се случија дури пред самиот финиш во првиот дел. Компаоре во 44. минута изнуди пенал, кој самиот го изведе и го реализираше. Голгетерот на Струга Трим Лум шутираше прецизно во долниот лев агол, а Василев иако тргна на вистинската страна, сепак, не успеа да одбрани.
Далеку повеќе возбудувања имаше во вториот дел, кога Струга ТЛ имаше можности да дојде до 2:0, а кога не ги искористи шансите, Работнички за малку не израмни, односно стативата беше сојузник за стружани.
Во 69. минута Радески се најде во шанса, но во последен миг беше изблокиран од одбраната на Работнички, па шансата пропадна.
Илиевски во 72. минута од средбата имаше шут, меѓутоа топката заврши само крај голот на Василев.
Компаоре во 77. минута беше во одлична позиција, откако мина неколку одбранбени играчи на Работнички, завршницата беше неубедлива, го промаши голот. Во истата минута Воша шутираше, прецизно, меѓутоа млако и право во рацете на Василев.

Најголемата шанса за израмнување Работнички ја имаше преку Хоџа, кој излезе сам од левата страна, неговиот удар заврши само во стативата, а одбиената топка стигна до Кадриу, кој во последен миг беше изблокиран од Фал.
Сериозна прилика имаше Струга ТЛ во 91. минута да стави точка на победата, меѓутоа нововлезениот Ивковиќ од само 5-6 метри не успеа да го совлада Василев, кој одбрани и го остави Работнички во игра. Ако Ивковиќ не реализираше, тогаш Малевски реализираше во четвртата минута од судиското надополнување. По долга акција, Шабани го проигра осамениот Малески кој од пеналтикот успеа да погоди во голот на гостите и да стави „печат“ на трите бода.





