Екипата на Струга Трим Лум ја продолжува серијата на позитивни резултати и по 13- коло, повторно ја презема лидерската позиција, по заслужената победа од 4:0 во дуелот против Арсими.
Од самиот почеток, домаќините ја наметна својата игра и создавајќи простор за удар кон голот на противникот. По еден центаршут од левата страна, Компаоре се најде сам и силно биеше со глава, но по интервенција на ВАР, голот беше поништен поради офсајд позиција.
Не помина многу време, кога во 20-тата минута по одлично проигрување од Бесмир Бојку, Марјан Радески прецизно погоди за водство од 1–0.
Арсими ја имаше најдобрата шанса во првото полувреме преку Армин Бешагиќ, кој по една одбиена топка биеше силно од дистанца, но ја погоди пречката на голот на Струга. Подоцна и Рочи се обиде со удар, но топката заврши над голот.
Во второто полувреме, Струга го засили темпото и целосно ја контролираше играта. Во 54-тата минута, по одлична акција меѓу Буњамин Шабани, Јевтовски и Компаоре, топката повторно стигна до Шабани, кој погоди за 2–0. Само две минути подоцна, истиот играч повторно беше прецизен за 3–0, потврдувајќи ја доминацијата на шампионот.
Четвртиот гол го постигна Малевски, по долга дијагонала испратена од младиот Хамза.
Стружани продолжуваат во борбата за титулата и во моментов имаат два бода повеќе од Вардар, кој има еден натпревар помалку. Од друга страна, Арсими се наоѓа на седмата позиција и ќе има тешка задача да обезбеди опстанок во својата прва сезона во елитата.





