Талески: Со триумф над Шкендија да покажеме зошто сме шампиони

Актуелниот шампион Вардар и вицепрвакот Шкендија веќе во второто коло од новата сезона ќе ја имаат првата пресметка. На Арената „Тодор Проески“ денеска од 17 часот се игра големото дерби меѓу двата тима кои повторно се најголеми аспиранти за титулата. Вардар го брани трофејот, а Шкендија сака да го врати.

Голманот на Вардар, Давор Талески, има и посебни мотиви секогаш кога игра против Шкендија, тој е поранешен играч на тетовскиот клуб. Секако, сега е максимално мотивиран заедно со соиграчите да оди на победа против Шкендија.

„Нѐ очекува дерби натпревар против Шкендија веќе во второто коло. Се подготвувавме добро во текот на целата недела и се надеваме дека ќе се покажеме во вистинско светло. Имаме респект за Шкендија, која има одличен тим, но ние сакаме да покажеме зошто сме шампиони“, изјави Давор Талески.

Дербито меѓу Вардар и Шкендија ќе се одигра од 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“, а ќе го суди Стојанче Трпчевски.