Тиквеш не знае за пораз во дуелите против Македонија ЃП

Фудбалерите на Тиквеш како гости ја совладаа Македонија ЃП со 4:1 и не само што ја прекинаа серијата натпревари без победа, туку и по трет пат во текот на оваа сезона триумфираа во соочувањата до денешниот противник.

За домаќинот ова беше клучен натпревар за обезбедување опстанок во елитното друштво, но гостите од Кавадарци беа супериорни во текот на целиот натпревар и сосема заслужено стигнаа до посакуваните три бода.

Серијата голови во Ѓорче Петров ја отвори Виздом Окере во десеттата минута. Во 22-та, Сила Н’Фанли зголеми на 2:0.

Во продолжението од натпреварот Тиквеш имаше уште неколку можности да стигне и до поубедлива предност, но на одмор се замина со водство на гостите од 2:0.

Во 69. минута Н’Фанли повторно се запиша меѓу стрелците за 3:0, а на девет минути пред крајот на мечот, Лусијано го постигна и четвриот гол за Кавадарчани.

Во самата завршница Хозе Перес Кабаркас беше стрелец на единствениот гол за Македонија ЃП, поставувајќи ги конечните 4:1 за Тиквеш.

Во претпоследната рунда од ПМФЛ, Македонија ЃП му гостува на Башкими додека Тиквеш го пречекува Пелистер.