Сосема два различни почетоци на сезоната имаа денешните меѓусебни ривали во пресметката во Куманово. Башкими во пресметката со Тиквеш влегува „ранет“ по шесте примени гола во Кратово против Силекс, додека кавадарчани со убедлив триумф од 5-1 над Арсими ја стартуваа новата сезона.
И покрај тоа што важат за големи фаворити во денешниот меч, Тиквеш влегува со максимален респект кон противникот, без потценување во обидот да дојде до нова победа во првенството.
„Треба да бидеме внимателно. После тоа прво коло кое заврши добро за нас, а лошо за Башкими, не смее премногу да не залажува, затоа што првите натпревари не се секогаш мерило како ќе се одвива сезоната. Како и да е, ние нормално дека ги респектираме, но си имаме наши амбиции, а тоа се да освоиме што повеќе бодови на стартот на сезоната, за добар пласман на крајот“, рече Александар Вареловски, капитенот на екипата на Тиквеш.
Мечот Башкими – Тиквеш се игра денеска на стадионот „Башкими“ во Куманово со почеток во 17 часот.





