Триумф на АП Брера во младинското дерби против Вардар

Во дуелот на двете екипи кои се меѓу главните конкуренти за шампионската титула во Младинската Супер лига, АП Брера на гостувањето во Скопје го совлада Вардар со 4:1.

Струмичани поведоа во 27 минута со голот на Иван Шириќ. По пет минути игра во второто полувреме Иван Танчев зголеми на 2:0, а во 52. Никола Ристевски беше стрелец на единствениот гол за Вардар.

Само шеесетина секунди подоцна Матеј Сејменов и носи предност на АП Брера од 3:1, а во 57. повторно се запиша во листата на стрелците поставувајќи го конечниот резултат.

Со овој триумф АП Брера остана на чело на табелата со 46 бода, четири повеќе од Работнички додека трет е Вардар со 39. Во трката за шампионскиот трофеј е и Македонија ЃП која е четврта со 37 бода.

Тимот од Ѓорче Петров денеска беше убедлив во дуелот против Скопје и триумфираше со 11:0. Четири гола постигна Марко Младеновиќ, три пати прецизен беше Борјан Томовски, два гола погодоци беа дело на Бесмир Исмани, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Константин Апостолоски и Марко Блажески.

В среда Работнички го пречекува Арсими, а на програмата се и мечевите Охрид Лихнидос – Тиквеш, Њу Старс – Брегалница, Шкендија Тетово – Струга Трим Лум и Пелистер – Башкими.