Вардар оди на победа против Силекс и чека добри вести од Тетово

Домашното првенство влегува во самата завршница, а денеска стартува 31. коло.

Лидерот Вардар до 74 бодови на своето конто попладнево на Арената го пречекува Силекс и во рацете ја има првата меч топка за освојување на шампионската титула.

Доколку „црвено – црните“ победат, а второпласираната Шкендија на домашен не слави во дуелот против Струга Трим Лум во натпревар што се игра во истиот термин од 16:00 часот тогаш Вардар ќе го подигне пехарот и ќе стане нов првак на Македонија.

Дури и да не победи, Вардар, односно да одигра нерешено, а Струга ТЛ ја победи Шкендија, и во тој случај Вардар е најдобриот сезонава.

Сепак, „математиките“ не се  во главите на избраниците на Гоце Седлоски, напротив. Се е во насока на одигрување на уште еден добар меч во серија и освојување на трите бода. Па дали истите ќе значат и титула баш овој викенд, или продолжување на истата до следниот меч, тоа е сосема друг момент.

Вардар има четири победи по ред во домашниот шампионат, а шест кола нема пораз. Бодовната разлика со Шкендија е шест бодови, што секако дава огромна предност во битката за титулата, но таа воопшто не е готова. Денешен кикс и не освојување на трите бода ќе значи дополнителен притисок, во последните две етапи од шампионатот, каде што Вардар најпрво оди на гостување кај Струга ТЛ ма 17 мај, а потоа, во последното коло го пречекува сеуште актуелниот шампион, Шкендија на Арената на 23 мај.