Вардар со пет гола во мрежата на Арсими ја отвори пролетната етапа

Вардар на импресивен начин ја отвори пролетната полусезона во ПМФЛ, декласирајќи го Арсими со 5-1 и испраќајќи јасна порака до конкурентите во трката за титулата.

По триумфот на Шкендија над Струга, победата на „црвено-црните“ доби уште поголема тежина, а избраниците на Гоце Седлоски сега имаат четири бода предност на врвот. Дилемите околу исходот беа решени уште во првите 45 минути, кога Вардар постигна четири гола и практично го нокаутираше противникот.

Средбата на стадионот на ФФМ беше обележана од одличните настапи на новите и повратничките имиња во составот. Стефан Цветковиќ уште во шестата минута го отвори резултатот по асистенција на Закариќ, најавувајќи ја голеадата. Во 18. минута Бобан Николов ја зголеми предноста, откако Омерагиќ одлично му асистираше со глава.

По половина час игра, по корнер, Дарко Велковски се снајде најдобро во шеснаесетникот и со удар со глава донесе 3-0, а пред самиот крај на првото полувреме Немања Босанчиќ ги постави конечните 4-0 по првите 45 минути.

Во продолжението Вардар рутински ја одржуваше контролата, а Азер Омерагиќ се запиша меѓу стрелците за 5-0.

Арсими до почесен погодок стигна од белата точка, откако Талески најпрво погреши, а потоа направи и пенал. Цуцули беше прецизен од 11 метри.

Гостите натпреварот го завршија со играч помалку поради исклучувањето на Дардишта.