Екипите на Силекс и Башкими ги поделија бодовите во натпреварот од 17-то коло на Првата македонска фудбалска лига.
Башкими беше за нијанса порасположен од ривалот и неколкупати навлезе во домашниот шеснаесетник, но одбраната на Силекс беше на висина на задачата. Арменд Алими упати два удари од далечина, но немаше промена на резултатот. Кратовци, пак, се обидоа да создадат прилика преку Додев и Алиќ.
Вториот дел донесе речиси ист интензитет во играта, но повторно изостанаа сериозните шанси за гол. Гостите се заканија преку расположените Рибеиро и Аворнио, кои се обидуваа да направат нешто повеќе, но без успех во завршницата.
Силекс тргна во офанзива во последните 15 минути. Ударот од далечина на капитенот Ефтимов заврши покрај десниот дирек.
Во следното коло, Силекс го очекува тешко гостување кај Струга Трим Лум, додека Башкими на домашен терен во Куманово ќе го пречека тимот на Пелистер.





