Работнички во шестото коло стигна до првата победа оваа сезона, можеби токму навреме за да земе залет пред градското дерби со Вардар. Тимот на Алпарслан Ердем славеше со 3:0 против Пелистер, а голманот Васко Василев ја сочува својата мрежа.
Младинскиот репрезентативец се надева дека истото ќе го стори и на вечерашната пресметка со Вардар.
„Дуелите меѓу Работнички и Вардар секогаш носат дополнителна возбуда. Атмосферата во нашиот тим е на високо ниво по триумфот над Пелистер и сега сите мисли се насочени кон дуелот со Вардар. Го респектираме максимално Вардар, тоа е најтрофејниот македонски клуб, но веруваме дека можеме да одиграме добар натпревар и да оствариме позитивен резултат. Мечот се игра во вечерен термин, што е убава покана и за гледачите да дојдат во голем број, а ние ќе се потрудиме да им приредиме добар фудбал,“ изјави голманот на Работнички, Васко Василев.
Натпреварот меѓу Вардар и Работнички е закажан за недела, со почеток во 20:00 часот, на Националната арена „Тодор Проески“.





