Загубивме од Словенија во Љубљана

Македонија доживеа втор пораз во новото издание на Лигата на нации. Словенија беше подобра од нашиот национален тим славејќи со 2-0 во Љубљана.

Избраниците на Гоце Седлоски имаа рамноправно прво полувреме, но повторно останаа без реализација. Словенците го скршија нашиот отпор во вториот дел, постигнаа два гола и стигнаа до победа и три бода.


Седлоски направи дури осум промениво стартниот состав во однос на дуелот со Швајцарија. Македонија добро се постави на теренот и во најголемиот дел од првото полувреме успеваше да му парира на домаќинот.

Словенија можеше да поведе уште во втората минута. Жан Випотник упати удар по првата посериозна акција, но топката заврши во гредата.

Македонија веднаш возврати. Во шестата минута Агон Елези се најде во одлична позиција во петерецот, но неговиот удар во последен момент беше блокиран и заврши над голот.

Домаќинот повторно презеде иницијатива околу 25. минута. Жан Карничник шутираше по една добро изработена акција, но непрецизно. Веднаш потоа Випотник повторно се закани, но Столе Димитриевски беше сигурен на голот.

Македонија до крајот на првиот дел имаше уште еден обид преку Елези. Тој шутираше од околу 18 метри, но топката помина крај голот.

На стартот од второто полувреме Словенија повторно беше поопасна. Даниел Штурм во 48. минута имаше голема шанса, но биеше покрај голот.

Само седум минути подоцна стигна водството на Словенија. По акција од десната страна, топката дојде до Санди Ловриќ, кој упати силен удар откосо и го погоди спротивниот агол. Мељиќи се обиде да го блокира ударот, но топката по неговата интервенција го смени правецот и заврши во мрежата.

По голот, Седлоски реагираше со неколку измени. Влегоа Енис Барди, Христијан Малески, Лука Станковски и Бојан Миовски, а Македонија почна поофанзивно да го бара израмнувањето.

Во 78. минута се отвори добра можност по акцијата на Лука Станковски, но во петерецот немаше македонски фудбалер кој ќе ја претвори ситуацијата во удар.

Наместо израмнување, стигна нов удар за Македонија. Во 82. минута Словенија изведе брз контранапад, Аљоша Матко доби топка во идеална позиција, излезе сам пред Димитриевски и зголеми на 2-0.

Македонија можеше веднаш да намали. Три минути подоцна Христијан Малески шутираше откосо од десната страна, но Јан Облак одлично интервенираше.

До крајот немаше промена на резултатот. Македонија по два натпревари во Лигата на нации останува без бодови и без постигнат гол, а негативната серија во нападот продолжува.

 

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-0 (0-0)

Стадион „Стожице“. Гледачи: 10.640. Судија: Андреа Коломбо (Италија). Стрелец: Ловриќ 55′, Матко 82′ (Словенија). Ж. картони: Матко (Словенија) Стојчевски, Атанасов (Македонија).

СЛОВЕНИЈА: Облак, Брекало, Бијол, Дркушиќ (85′ Зец), Јанжа, Карничник, Черин (85′ Елшник), Ловриќ (71′ Забуковник), Бегиќ (71′ Матко), Штурм, Випотник (71′ Целар).

Селектор: Боштјан Цесар

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Стојчевски, Мељиќи (71′ Муслиу), Младеновски, Аломеровиќ (80′ Миовски), Гаштаров, Атанасов (71′ Станковски), Елези (61′ Барди), Елмас, Митровски (61′ Малески), Омерагиќ.

Селектор: Гоце Седлоски