Скопје и Силекс ремизираа без голови на Автокоманда

Скопје и Силекс одиграа без голови на тешкиот терен во Автокоманда. Силекс беше подобар противник, имаше и повеќе шанси, меѓутоа не успеа да го совлада одличниот Кристијан Наумовски, кој имаше неколку успешни интервенции.

Првата шанса кратовци ја имаа во 7. минута од средбата, кога по грешката на Трајчевски во одлична прилика се најде Манојлов, ама Наумовски го одбрани неговиот дуар. Во 22. минута Шеро беше во добра позиција, во последен миг изблокиран од Трајчевски. Последната прилика во првиот дел Силекс ја имаше во 36. минута кога Тимовски се обиде од десно, и повторно Наумовски беше на висината на задачата.

Вториот дел почна со шанса за Скопје преку Гордиќ, кој се обиде да ја искориси грешката на Џеков, меѓутоа топката оди крај голот.

Силекс имаше налет од 67-мата до 74-та минута кога Шеро и Хасукиќ се обидоа. Особено шансата на Шеро беше најсериозна кога шутираше од 22-23 метри, но Наумовски беше феноменален, додека Хасукиќ на двапати не успеа да го погоди голот.

Последната прилика за Силекс пропадна во 87. минута преку Мишов, но и ова го одбрани Наумовски, и така донесе голем бод за својот тим.