Струга Трим Лум го победи Вардар со 0-1 во дерби натпреварот од 12.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот гол беше Марјан Радески во 31.минута, на асистенција на Папе Фал.
По овој триумф, Струга Трим Лум се доближи до лидерот Шкендија на само еден бод негатива и се наоѓа на второто место, додека Вардар е на четвртата позиција со 21 бод.

Вардарци на почетокот тргнаа офанзивно и Закариќ беше фаулиран во шеснаесетникот, по што беше досуден и пенал. Сепак, по интервенција од ВАР собата одлуката беше отповикана, затоа што напаѓачот на Вардар се наоѓал во офсајд позиција.
Потоа Струга Трим Лум дојде до свои моменти. Исмајли во 25.минута ја погоди стативата, а шест минути подоцна гостите дојдоа и до водство.

Фал од левата страна испрати центаршут на вториот дирек, а Марјан Радески умешно успеа да погоди на вистинското место за предност од 0-1, со која замина и на пауза.
Во 50.минута, Омерагиќ шутираше со глава, но крај голот, а пет минути подоцна Вардар ја имаше најдобрата шанса. Маневски нафрли од левата страна, Данев ја зафати топката со волеј-удар, но голманот на Струга Трим Лум, Васко Василев, успеа да одбрани со интервенција речиси на гол-линијата.

Во 63.минута, Исмајли имаше можност да удвои предноста на гостите, излезе сам пред голманот на Вардар, но Давод Талески го скрати аголот и одбрани.
Во последните триесетина минути, стружани се определија да го бранат минималното водство, а Вардар иако имаше иницијатива не успеа да стигне до израмнување. Се обидуваа Омерагиќ, Пиреш, Данев, но без посериозен ефект.

Во завршницата, во судиското продолжение, Струга Трим Лум остана и со фудбалер помалку, но успеа да стигне до големи три бода во дербито со Вардар.





