Повеќе од два месеци тимот на ФК Скопје не знае за позитивен резултат во првенството, иако во меѓувреме се радуваше на две победи, но во куп-натпреварувањето. За бегство од дното на табелата потребни се бодови, а составот на Иван Варадиновски се надева дека може да ги освои на денешниот дуел против Силекс пред своите гледачи.
„За нас секој нареден натпревар е екстремно важен“, порачуваат од ФК Скопје, со оглед дека имаат само три освоени бода и сѐ уште се без триумф во елитата.
На последните три натпревари ФК Скопје играше против триото од врвот, па сега се надева дека ќе може да стори нешто повеќе на дуелите кои следуваат. Прв голем испит е денешниот меч против Силекс, кој е закажан од 12 часот, на стадионот Железарница во Скопје.
Натпреварот меѓу ФК Скопје и Силекс ќе го суди Фуркан Идризи.





