Арсими го шокираше Пелистер за прва прволигашка победа во клупската историја

Пелистер доживеа непријатно изненадување во мечот од петтото коло на Првата македонска фудбалска лига, во кој Арсими забележа висока победа од 0:4.

Иако домаќините важеа за фаворити, нивните напади се покажаа како недоволно агресивни и непрецизни за да ја затресат и мрежата на гостинскиот тим. Воведните шанси на Ристовски и Булатовиќ не беа реализирани, во првиот случај со добра интервенција на Ислами, а во вториот, дирекот беше сојузник на Арсими. До крајот на првиот дел, битолчани успеаја да погодат и пречка, но потоа темпото на нивната игра опадна.

Во вториот дел Арсими беше како друга екипа и почна да ја префрла играта на противниката половина.
Армин Бесагиќ реализираше шанса во 66 минута за 0:1, по асистенција на Гафури. Пелистер не успеа да создаде нови шанси, а во финишот, поточно во последните 10 минути од средбата, битолчани потполно се предадоа.

Во 81. минута, Таипи влезе во шеснаесетникот на домашните и го совлада Јовчевски, а неговиот пробив првично беше оценет за офсајд, но по прверката од ВАР, беше прифатен. За битолчани тоа беше втор нокаут, од кој не успеаја да се консолидираат.
Веќе во следниот напад Шефити погоди за 0:3, а конечниот резултат го постави Игнатов во судискиото продолжение во соло продор.

Претходно, овие екипи имаа играно само во Втората фудбалска лига, а Пелистер досега беше без пораз. Ова не е само прва победа за Арсими во директните дуели со битолскиот клуб, туку и во првологашката историја на клубот, која започна да се испишува од оваа сезона. Со новите три бода, тие се искачуваат на седмото место на табелата, а Пелистер има еден поен повеќе и е на шестото место.