Екипата на Башкими од Куманово, како што се очекуваше, стигна до победа против Шкупи во рамките на 10-тото коло од домашниот фудбалски шампионат, со убедлив резултат 4–1.
Уште во првите минути од натпреварот, домашните започнаа фуриозно со јасна цел победа. Во петтата минута, по одличниот продор од десната страна, Филип Алексоски прецизно проигра Ајдоган, кој не успеа да шутира бидејќи беше запрен од гостинскиот дефанзивец. Само по неколку моменти подоцна, улогите се сменија, сега Ајдоагaн му асистираше на Алексоски, кој ја погоди мрежата, но судијата го подигна знамето за офсајд. По прегледување на ситуацијата со ВАР, беше констатирано дека голот е регуларен, па Башкими поведе со 1:0.
Во 20-тата минута, Шкупи имаше можност да израмни преку Ардит Дестани, но неговиот удар одлично го одбрани голманот Стојковски. Само две минути подоцна, Дестани повторно се обиде, но и овој пат голманот на Башкими беше на висина на задачата.
Во 26-тата минута, Mарко Симоновски постигна гол, по акција што започна од левата страна преку Аворнио, покажувајќи ја класата на вистински голгетер и зголемувајќи на 2:0.

Во 39-тата минута, по играње со рака во шеснаесетникот на Башкими од страна на Мухарем Мислими, судијата досуди пенал за гостите. Ерион Шуку беше прецизен од белата точка и го намали резултатот на 2:1. Сепак, во судиското надополнување на првото полувреме, Емануел Аворнио со одличен продор од левата страна постигна гол за 3:1, потврдувајќи ја доминацијата на Кумановци во првиот дел.
Второто полувреме започна со целосна контрола на Башкими, кој создаде неколку сериозни шанси. Најопасен беше Симоновски, по асистенција на Алими, но неговиот удар заврши директно во рацете на голманот Мелиќи. Доминирањето на Башкими беше крунисано во 55-тата минута, кога Недим Хаџиќ реализираше за 4:1.
До крајот на натпреварот, вреди да се издвојат шансите на Хајвали и Назифи за Шкупи,kako и на Алими и Хаџиќ за Башкими но голманот Мелиќи спречи уште потежок пораз за гостите. По 10-тото коло, Башкими останува на петтото место на табелата, додека Шкупи е последен со само еден освоен бод.





