Во дербито на 23. коло во Втората фудбалска лига, Брегалница како гостин го совлада Скопје со 1:0 и со овие три бода остана во трката за освојување на првата позиција која носи директен пласман во елитното фудбалско друштво во Македонија.
Натпреварот беше решен во 41. минута кога Никола Талески успеа да го совлада противничкиот голман.

Поразот на Скопје го искористи Охрид Лихнидос кој пред своите навивачи славеше над Новаци со 3:0. Серијата голови ја отвори Антонио Каланоски во 31. минута. ВО 55-тата Димитриј Димитриевски зголеми на 2:0, а конечниот резултат го постави Иван Глигоров со голот постигнат во 65. минута.
Значајни три бода во битката за пласман во ПМФЛ освои и Шкендија Арачиново по победата од 2:0 во соочувањето со Тетекс. Погодоците му се впишани на Мартин Радуловиќ Величковиќ кој во седмата и четвртата минута од судиското надополнување во првиот дел ја погоди сопствената мрежа.

Слога Виница на домашен терен триумфираше над прилепска Победа со 4:2, Детонит Плачковица славеше над Кожуф со 3:2 додека Каменица Саса како гостин забележа победа од 4:1 во дуелот против Преспа.
Мрежите мируваа единствено на мечот меѓу Беласица и Осогово додека колото се комплетира утре со натпреварот Големо Коњари – Вардар Неготино.

По денешните мечеви Охрид, Брегалница Штип и Шкендија Арачиново на првите три позиции имаат по 52 бода додека Скопје сега е четврти со 50.
Тоа се екипите кои остануваат во трката за првото место додека петтопласираната Беласица има 45 бода.






