АП Брера успеа да стигне до првата победа во Прва МФЛ оваа сезона, откако го совлада Шкупи со 1:0. Стрелец на победничкиот гол беше Кире Стојанов во 85. минута од мечот.
Беше тоа борбен натпревар во Струмица, а Брера покажа за нијанса повеќе, токму за да ги освои бодовите.
На стартот, Сухељ Мухарем во 18. минута постигна гол за Шкупи, но беше досуден офсајд, а потоа одлуката беше потврдена и од ВАР собата.
Во 48. минута, шанса за домашните имаше Никола Величковски, но шутираше над голот откосо од левата страна.
Во 60. минута, Антовски нафрли од слободен удар, а Аризанкоски шутираше со глава, за малку непрецизно.
Во 85. минута, Брера конечно дојде во водство. Кире Стојанов доби топка на левата страна, успеа да се ослободи од противникот и да погоди во спротивниот агол, но во прв момент беше досуден офсајд. Сепак, по триминутна проверка на ситуацијата во ВАР собата, голот на Стојанов беше признат.





