Силекс го победи Работнички со 3:1 во Кратово и го продолжи максималниот ефект во Прва МФЛ. Во еден интересен натпревар, кратовци успеаја да искористат поголем дел од своите шанси, а новиот тренер на гостите Алпарслан Ердем дебитираше со пораз.
Во 20. минута, голманот на Силекс, Љупчо Џеков, се повреди по судирот со Трајков и ја напушти играта, а на негово место влезе Даниел Божиновски.
Во 32. минута, Флоријан Кадриу искористи грешка на истрчаниот Даниел Божиновски, имаше празна мрежа откосо од левата страна, но не успеа да погоди на вистинското место.
Силекс поведе со 1:0 во 43.минута. Хрвановиќ реагираше одлично на центаршутот од левата страна и со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Васко Василев.
Во 61. минута, кратовци зголемија и на 2:0. Анѓелески го проигра Ади Алиќ во шеснаесетникот, тој се ослободи од Велкоски и со прецизен удар го совлада Василев.
Во 75. минута, гостите бараа пенал, при стартот на Ѓорѓе Џеков над Калани Алмеида во шеснаесетникот, но Стојанче Трпчевски во прв момент не досуди. Сепак, потоа на повик од ВАР собата, повторно го погледна моментот и покажа на белата точка. Џелил Асани беше успешен реализатор во 79. минута од дуелот.
Во завршницата, Давид Матески постигна погодок за Силекс, а беше досуден офсајд. Но, подоцна, по интервенција од ВАР собата, погодокот беше признат и Силекс славеше со конечни 3:1.





