Шкендија стигна до својата четврта победа во низа откако на домашен терен ја совлада екипата на Струга Трим Лум со резултат 2-1, во меч исполнет со темпо, пресврти и значајна улога на VAR-системот.
Првите минути поминаа во одмерување на силите со лесна теренска иницијатива за Шкендија. Првите поопасни закани пристигнаа преку Круезиу во 16. минута и Красниќи во 20. минута, но нивните удари завршија покрај голот на гостите.

Притисокот на домашните донесе резултат и во 29. Минута, Арбин Зејнулаи одлично асистираше, а Нзенгуе ја затресе мрежата за 1-0. Неколку минути подоцна, истиот играч постигна уште еден гол, но по реакција на VAR-системот, тој беше поништен поради офсајд. Пред крајот на полувремето, Папа Фал се обиде да го изненади домашниот голман Рамани, кој беше на висина на задачата.

Струга ТЛ влезе поагресивно во вториот дел. Во 55. минута Радески ја погоди пречката, а во продолжение на акцијата беше прегледана ситуацијата каде Адурахмани направи прекршок врз Буњамин Шабани во казнетиот простор. Судијата покажа на белата точка, а Малески во 59. минута реализираше за 1-1.
Следеше отворена игра со шанси на двете страни. Тамба и Зејнулаи се заканија за Шкендија, додека Малески имаше одлична прилика за Струга, но Трумчи и Рамани спречија пресврт.

Одлуката падна во 84. минута: По брза акција на Шкендија по левата страна, Арби Воша го фаулираше Нзенгуе во шеснаесетникот. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше искусниот Бесарт Ибраими, кој ги постави конечните 2-1.
Во драматичната завршница, Бојку и Малески имаа шанси за израмнување, но голманот Рамани и одбраната на Шкендија издржаа за голема победа и нови три бода.






