Фудбалерите на Башкими во одлично расположение го пречекуваат составот на Скопје, со амбиција да ја продолжат победничката низа и уште повеќе да се оддалечат од опасната зона на табелата.
Избраниците на тренерот Муарем Муарем фатија силен ритам во вистински момент. Откако на последните пет средби запишаа две победи, два пораза и едно реми, кумановци во последните три кола не знаат за пораз – освоија седум од можни девет бода. По домашниот триумф над Арсими (2-1) и ремито со Брегалница (1-1), следуваше и големиот скалп на Чаир против Шкендија од Арачиново (1-0). Со тие 14 бода на контото, Башкими се израмни со Брегалница и исплива над зоната за испаѓање.
„Денес нè очекува еден од решавачките натпревари во полусезоната. Ги повикувам сите кумановци да дојдат на стадион и да нè поддржат, за на крајот заедно да ја прославиме победата“, изјави, меѓу другото, Адис Мурати.
Од друга страна, во Куманово пристигнува тимот на Скопје, охрабрен по минатонеделната прва прволигашка победа сезонава (против Арсими 2-1). Гостите најавуваат отворена борба и се потпираат на традицијата, која вели дека на досегашните седум меѓусебни пресметки Скопје остварило три победи и три ремија.
Сепак, кога станува збор за елитното друштво, единствениот досегашен дуел му припадна на Башкими, кој на 5 септември славеше на „Железарница“ со 2-1.
Натпреварот меѓу Башкими и Скопје се игра на стадионот во Куманово, со почеток во 13:00 часот.





