Во врска со објавените информации на ВЕБ портал за наводното рангирање на македонските судии во рамки на УЕФА и тврдењата дека тие се пласирани од 117. до 119. место, сакаме да појасниме дека станува збор за неточна интерпретација на податоците.
Очигледно е дека во желбата да се пронајде „сензација“, повторно се заборави најважниот дел, да се прочита и разбере документот.
Имено, наводното „рангирање“ на македонските судии во кое се тврди дека Влатко Илиоски, Игор Стојчевски и Стојанче Трпчевски се на 117., 118. и 119. место, едноставно не постои.
Станува збор за листа на УЕФА која е подредена по азбучен ред на државите, а не според пласман, квалитет или оценување на судиите.
Со други зборови, единственото „напредување“ во оваа приказна е напредувањето на креативноста при толкувањето на еден документ.
За среќа, документите се јавно достапни и секој може да се увери дека вистината е многу поедноставна од сензационалниот наслов, буквите од азбуката не се бодови, а редниот број во список не е пласман.
Истовремено, укажуваме дека дел од информациите и јавните коментари објавени на ВЕБ порталот, sportsport.mk, поврзани со меѓународниот статус и напредувањето на македонските судии не ја прикажуваат целосната фактичка состојба и можат да доведат до погрешни заклучоци.
Развојот и напредувањето на судиите во рамки на УЕФА не се базираат на субјективни оценки или моментални впечатоци, туку на јасно дефинирани критериуми, континуирано следење на перформансите, извештаи од натпревари, број на меѓународни ангажмани, искуство и учество во развојни програми.
Факт е дека Влатко Илиоски е дел од меѓународната листа на УЕФА само една година, додека Стојанче Трпчевски статусот на меѓународен судија го стекна пред шест месеци. Во такви околности, очекувањата за веднаш напредување во повисоки категории не се во согласност со начинот на кој функционира системот на УЕФА, каде развојот на судиите е процес кој бара време, континуитет и потврдени резултати.
Игор Стојчевски, пак, е дел од УЕФА програмата за ментори и таленти, наменета за развој на перспективни судии. Програмата има точно определено времетраење од една година, а Стојчевски е следен и насочуван од Ѓунејт Чакир од Турција, еден од најуспешните европски и светски судии во поновата историја. По завршувањето на програмата ќе следува целосна евалуација на неговиот напредок, квалитет и потенцијал за понатамошен развој.
Поради тоа, оценките дека македонските судии „немаат напредок“ не ја одразуваат реалната состојба доколку не се земат предвид сите релевантни факти и критериуми според кои УЕФА го оценува развојот на судиите.
ФФМ и Судискиот одбор продолжуваат да работат посветено, системски и професионално, во координација со УЕФА, со единствена цел создавање квалитетни и конкурентни судии кои ќе имаат соодветно место на меѓународната сцена.




