Решавачки битки за влез во финалето на Купот на Македонија

Попладнево се играат реванш натпреварите од полуфиналето во Купот на Македонија. Четири тима во решавачките деведесет минути влегуваат со желба за победа и пласман во големото финале и завршната битка за трофејот во ова натпреварување.

Во Кратово, Силекс го пречекува Охрид кој по елиминацијата на еден од главните фаворити и се уште актуелен победник, Вардар посакува уште една сензација и победа против екипата која три пати во својата историја го освоила трофејот во Купот.

Кратовци ја имаа предноста на домашниот терен и со право веруваат дека може да стигнат до посакуваната победа откако во првиот дуел во Охрид играа без победник 1:1.

Силекс последен пат во финалето настапил пред четири години кога по подобро изведување на пенали беше совладан од Македонија ЃП додека Охрид веќе го постигна најголемиот успех во клупската историја, но посакува победа која би значела и чекор подалеку во овој подвиг.

Натпреварот во Кратово почнува во 16 часот, а правдата ќе ја дели Игор Стојчевски.

И во второто полуфинале една од водечките екипи во првенството за противник има член на второлигашката конкуренција кој има амбиција од следната сезона да биде дел од елитното друштво.

Тетовска Шкендија попладнево гостува во Куманово каде против Шкендија од Арачиново ќе ја брани предноста 3:2 по првиот натпревар.

На тој дуел Арачиновци беа на чекор до сензација откако по првото полувреме имаа водство од 2:1, но во продолжението Шкендија Тетово постигна два гола и обезбеди предност пред реваншот.

Шкендија Арачиново идентично како и Охрид го бележи најдобриот резултат во клупската историја и исто така посакува да направи уште еден чекор и да обезбеди пласман во финалето.

Шкендија Тетово на трофејот во Купот чека веќе осум години откако во финалето во 2018-тата го совлада Пелистер со 3:0. Претходно Тетовци славеа во 2016 година по триумфот над Работнички.

Тетовци во својата историја имаат и уште три пласмани во финалето и сега ќе се обидат да ја одбранат предноста од првиот меч и по шести пат да се борат за пехарот во Купот на Македонија.

Натпреварот во Куманово исто така почнува во 16 часот, а главен судија на овој дуел е Стојанче Стојанов.

Најтрофеен клуб во Купот е Вардар, кој шест пати славел во ова натпреварување, а веднаш зад “црвено-црните” следува градскиот ривал, Работнички со четири.