Фудбалерите на Шкупи денеска ќе ги одиграат последните минути во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), каде на гостувањето во Струмица се соочуваат со екипата на АП Брера. За секој кој ќе истрча на теренот во Струмица, ова ќе бидат последните минути во елитното македонско друштво, со оглед на тоа што клубот следната сезона ќе се натпреварува во Втората лига.
Шефот на стручниот штаб, Алиса Виши, во овој натпревар ќе им даде шанса на младите фудбалери кои досега немаат почувствувано прволигашки фудбал. Од друга страна, дел од стандардните првотимци ќе добијат заслужен одмор за да бидат максимално подготвени за големото финале во Јуниорскиот куп, каде Шкупи повторно ќе ги одмери силите со АП Брера.
„Ова е наш последен натпревар во елитата и ќе се обидеме да ја затвориме сезоната со достоинство. Горд сум на овие момци кои издржаа до самиот крај и се бореа за клупските бои со единствена цел — да спречиме колапс и пад во Четвртата лига. Многу подобро е да се започне одново од Втората, отколку од Четвртата лига. Сега имаме доволно време да се мобилизираме и да го вратиме нашиот клуб таму каде што припаѓа. Секој голем клуб минувал низ кризи, но се враќал уште посилен. Фудбалот е едноставно таков — нема успех без тешкотии.”

Против АП Брера ќе патуваме со фудбалери кои немаа голема минутажа оваа сезона. Дел од играчите ќе одморат поради преголемиот интензитет и физичкиот товар, бидејќи не очекува финалето во Купот. Заслужија поштеда во ова последно коло, особено по големиот успех и пласманот во финалето на Јуниорскиот куп, каде повторно нè чека дуел со АП Брера“, изјави меѓу другото Алиса Виши.
Во досегашните 33 пресметки во домашните натпреварувања, Шкупи има 17 победи, АП Брера триумфирала 9 пати (двапати оваа сезона), додека 7 средби завршиле без победник.
Натпреварот помеѓу АП Брера и Шкупи се игра попладнево на стадионот во Струмица со почеток во 16:30 часот.





