Брегалница полесно од очекуваното стигна до трите бода во пресметката со
Башкими, кој и по четири кола во елитата на домашниот фудбал сè уште не успева да постигне гол.
Натпреварот во Штип започна со притисок на домашните, додека првиот обид на домашните напаѓачи го запре Фати Исмаили на самата гол-линија.
Во меѓувреме, првиот удар на гостувачкиот тим дојде во 12-та минута, кога Рибеиро силно шутираше од 17 метри, но топката замина над голот.

Во 16-та минута, Хебиб Саити ја искористи празнината во шеснаесетникот и упати удар, кој заврши во пречката на домашните и замина надвор од игра.
А во 22-та минута, Брегалница го отвори резултатот благодарение на силниот удар на Иван Глигоров, кој погоди одвнатре во шеснаесетникот по асистенцијата на Стојанов.
Во 38-та минута, Габриел Тенлеп шутираше од 25 метри, но топката замина над голот на Брегалница.
Во првата посериозна акција (во второто полувреме), Максимов проби по десната страна и асистираше во шеснаесетникот, каде Давид Калпачки ја испрати топката во незаштитениот агол за 2-0.

Веќе во следната акција, Брегалница стигна и до третиот гол. Иван Глигоров во шеснаесетникот успеа да го постигне својот втор гол на овој натпревар и трет за домашната екипа. Стојковски перфектно асистираше во зоната, а домашниот напаѓач немаше тешка задача да погоди од 5 метри.
Брегалница следната недела ќе гостува кај Струга Трим Лум, додека Башкими во Куманово ги бара првите бодови против Шкендија Арачиново.





