Шабан: Задоволен сум само од првото полувреме

Брегалница полесно од очекуваното стигна до трите бода во пресметката со Башкими, кој и по четири кола во елитата на домашниот фудбал сè уште не успева да постигне гол. Глигоров со два гола и Калпачки, донесоа нови три бода за Брегалница.

„Многу значајна победа против екипата на Башкими, која се прикажа во добро издание. Им ја честитам победата на нашите играчи и се надевам дека во наредниот период ќе пружиме подобри игри и ќе ги постигнеме посакуваните резултати“, истакна Димитар Маџунаров, помошник-тренер во ФК Брегалница.

Од другата страна, тренерот на ФК Башкими, Сулиман Шабан, беше задоволен само од првото полувреме.

„Презадоволен сум од првото полувреме и од моите фудбалери кои се залагаа максимално. Не сум задоволен од второто полувреме, каде што фудбалерите не покажаа карактер и поголема мотивација. Ние дојдовме хендикепирани, без нашиот капитен. Имаме време да ја создадеме нашата екипа, а во наредните недели треба да ни се приклучат уште двајца-тројца играчи. Како што кажа и Маџунаров, се покажавме во добро светло, нè чека добра иднина и ќе се бориме за подобри резултати.“