По еден гол и бод за Скопје и Тиквеш на стартот од 4. коло

Скопје и Тиквеш од Кавадарци одиграа 1:1 во натпреварот со кој беше отворено четвртото коло од домашното првенство. Антонио Божиновски беше стрелец за Скопје, додека Нфанли Сила погоди од белата точка за Тиквеш.

Скопје во првото полувреме успеа добро да ја контролира играта и во 34. минута да дојде до предност. Aндреј Цветковски одлично продре по десната страна, а Антонио Божиновски се најде на вистинското место и ја затресе мрежата за 1:0.

Во 36. минута следуваше остра интервенција над фудбалер на Скопје. Судијата Фуркан Идризи првично му покажа црвен картон на Фахл, но по протестите на гостите од Кавадарци и прегледувањето на ситуацијата во ВАР-собата, одлуката беше променета, а црвениот картон беше поништен.

До крајот на првото полувреме двете екипи се обидуваа да создадат нови шанси, но без конкретна завршница.

Во вториот дел Тиквеш беше поагресивен и ја презеде иницијативата на теренот, барајќи го израмнувачкиот гол.

Во 67. минута, по една ситуација во шеснаесетникот по интервенцијата на Папули, Идризи покажа на белата точка. По дополнителната проверка на ВАР, одлуката за пенал беше потврдена.

Нигериецот Нфанли Сила беше сигурен изведувач и во 70. минута го совлада Наумовски за 1:1. Голманот на Скопје ја прочита страната, но силниот удар беше неодбранлив.

Само една минута подоцна Тиквеш имаше нова можност за пресврт, но Наумовски одлично интервенираше.

Во 77. минута Гуџуфи упати силен удар по продорот од левата страна, но топката заврши покрај голот.

Скопје во финишот се обиде повторно да дојде до водство. Во 83. минута Виктор Ангелов имаше одлична можност за гол, но голманот Стевковски успешно интервенираше.

На спротивната страна, Окере продре од левата страна и испрати топка во опасната зона, но немаше гостински фудбалер кој би ја упатил топката во мрежата.

До крајот немаше промена на резултатот, па Скопје и Тиквеш ги поделија бодовите со конечни 1:1.