Гоце Седлоски официјално промовиран за нов селектор на македонската А репрезентација

Фудбалската федерација на Македонија денеска одржа прес-конференција на која официјално беше промовиран новиот селектор на македонската А репрезентација, Гоце Седлоски.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ја образложи одлуката изборот за нов селектор да падне токму на Седлоски, истакнувајќи дека федерацијата верува во потребата од нова енергија и пристап во пресрет на клучните предизвици што ја очекуваат репрезентацијата.

„Јавно сакам да му се заблагодарам на Благоја Милевски за сè што направи и за резултатите што ги оствари. Промените се составен дел од фудбалот и дојдовме до заклучок дека на репрезентацијата и е потребна нова енергија со цел да се бориме за пласман на Светското првенство. Учество во бараж е успех, но веруваме дека можеме повеќе. Баравме селектор со ‘фајтерски’ карактер и го добивме во Гоце Седлоски. Веруваме во оваа одлука и во нашите фудбалери. Ништо не е завршено и нема да одиме на натпревари само за да учествуваме“, изјави Омерагиќ.

Поддршка за изборот на новиот селектор упати и Горан Пандев, поранешен репрезентативец и директор на Национални репрезентации, кој истакна дека Седлоски е вистинскиот човек за селекторската функција.

„Му честитам на Гоце Седлоски за именувањето и му се заблагодарувам на Благоја Милевски за сè што направи за македонскиот фудбал. Седлоски го познавам долги години, како соиграч и како човек со силен карактер. Сметам дека е вистинскиот избор за селектор на репрезентацијата. Станува збор за млад и перспективен тренер со искуство, кој може да го подигне нивото на националниот тим. Верувам во него и му посакувам многу успех“, истакна Пандев.

Гоце Седлоски, легенда на македонскиот фудбал со 100 настапи за националниот тим, пред себе ќе го има најголемиот предизвик во тренерската кариера. За него ова ќе биде втор ангажман во селекторската улога, а прв како главен селектор на А репрезентацијата.

„Ова за мене претставува голема чест, но и најголема одговорност во мојата кариера. Свесен сум за очекувањата и за потенцијалот што го има оваа репрезентација. Ќе работиме на градење систем и тим кој ќе се бори за секоја топка и ќе го дава максимумот на секој натпревар. Ќе барам ангажман, храброст и желба од секој фудбалер. Верувам во квалитетот на играчите и во поддршката од ФФМ и од мојот најблизок тим на соработници. Заедно ќе се обидеме да направиме успех и достојно да ја претставуваме Македонија“, изјави Седлоски.

Дебито на клупата на Македонија, Седлоски ќе го има во март, кога гостува против Данска во баражот за СП 2026.