Историска победа на Шкендија во дуелот против Шелбурн

Единствениот македонски претставник во главната рунда од Конференциската лига, Шкендија во првиот настап на домашен терен ја забележа и првата победа.

Тетовци вечерва на арената Тодор Проески го совладаа Шелбурн со 1:0 и тоа е прв триумф на еден македонски тим во оваа фаза од европските клупски натпреварувања.

Мечот во Скопје беше решен во првата минута од судиското надополнување кога по уфрлувањето на Вебстер, Патрик Берет ја погоди сопствената мрежа.

Првото полувреме не донесе поголеми возбудувања. Иако се очекуваше по офанзивен старт на тетовци, мечот започна претпазливо, со многу дуели и прекини на средината од теренот. И двата тима се обидуваа со удари од далечина, но без вистинска закана. Најдобрата прилика ја имаше Тамба, кој во 27. минута биеше силно од дваесетина метри, но топката мина малку над пречката.

Во вториот дел тренерот Јетон Беќири внесе нова енергија во играта Рамадани и Спахиу влегоа за да го оживеат средниот ред, што веднаш се почувствува на теренот. Шкендија притисна, Спахиу се закани од далечина во 52. минута, а малку подоцна и Красниќи имаше убава можност, но без реализација.

Ирскиот тим не се предаде лесно прво Вуд се обиде, а потоа капитенот Којл во 66. минута ја погоди стативата на голот на Гаје, што беше најголемата шанса за гостите.

Во 70. минута Тамба повторно беше во центарот на вниманието – по брза контра, излезе сам пред голманот, но шутираше над голот.

По првиот триумф во Конференциската лига, следен предизвик за избраниците на тренерот Јетон Беќири ќе биде соочувањето со Јагелонија кое е на програмата на шести следниот месец во кој Шкендија повторно е домаќин, а почетокот е закажан за 21 часот.