Тетовска Шкендија ја брка својата четврта последователна победа за да остане единствениот тим со 100% успешност на стартот од новата сезона. По двата меча зад затворени врати, „црвено-црните“ конечно го пречекуваат својот 12-ти играч на трибините. Брзото крило Ване Крстевски е оптимист пред претстојната пресметка против Струга Трим Лум.
„Се подготвуваме чекор по чекор за Струга, знаеме дека нè очекува силен дуел и добро го анализиравме ривалот. Започнавме одлично со три победи и се надеваме дека ќе врземе уште една, што е и нормално. Мислам дека настапите во Европа малку нè исцрпија. Сега сме целосно фокусирани на првенството и се надеваме дека ќе ја освоиме титулата оваа година, за следното лето да бидеме уште подобри во Европа“, истакна Ване Крстевски.

Откако ја заврши казната од два меча без публика поради инцидентите во купот, тетовци конечно ќе играат во вистинска фудбалска атмосфера.
„Голема предност и привилегија е да се игра под рефлектори. Времето е доста топло и во такви услови е тешко за игра. На претходните мечеви ни недостигаа навивачите, но се надеваме дека од утрешниот дуел ќе ја имаме нивната поддршка и сè ќе биде полесно“, додаде Крстевски.
Кај Шкендија за овој дуел ќе недостасуваат: голманот Бабукар Гаје, Рафаел Фреитас, Марко Ѓорѓиевски и Бојан Димоски, додека Анес Мелиќи сè уште е под суспензија поради црвениот картон. Во составот се враќа централниот дефанзивец Јован Манев.
Дербито се игра во Тренинг центарот „Петар Милошевски“ со почеток во 19:00 часот, а главен арбитар на мечот е Стојанче Трпчевски.





