Воша: Подготвени сме за ново дерби, се надеваме на успех

Струга Трим Лум во добра атмосфера се подготвуваше за новото дерби во домашното првенство. По минималната победа од 1-0 над Вардар, тимот денеска ќе се соочи со Шкендија.

Поради градежни работи на стадионот во Тетово, натпреварот од четвртото коло ќе се одигра во Скопје, на стадионот на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.

Во пресрет на дербито, зборуваше офанзивниот играч за врска на Струга Трим Лум, Арби Воша.

„Шкендија има одличен тим, составен од квалитетни фудбалери, но ние сме фокусирани единствено на нашата работа. Во вакви натпревари секој играч мора да го даде максимумот, а на крајот се надеваме на позитивен резултат“, изјави Воша.

Офанзивецот откри и дека атмосферата во тимот е на високо ниво, а подготовките за дербито се одвиваат според планот.

„Атмосферата е многу добра, а и подготовките минаа одлично. Целата недела работевме со максимален фокус на овој натпревар. Секој играч сака да постигнува голови. Нормално, и јас сакам да постигнам, но, во овој момент трите бода се многу поважни. Без разлика кој ќе постигне гол, се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме на победата и трите бода ќе ги однесеме во Струга“, заврши Арби Воша.

Натпреварот меѓу Шкендија и Струга Трим Лум ќе се одигра на комплексот на ФФМ, со почеток во 19 часот.