Личина: Ќе го дадеме максимумот, нека победи подобриот

Екипата на Башкими одлично ја започна пролетната полусезона со едно реми и една победа, освојувајќи четири значајни бода кои ја доближуваат до главната цел – опстанок во елитата на домашниот фудбал.

Сепак, тимот од Куманово сега се соочува со вистински тест за својата форма, бидејќи во рамките на 19-тото коло ќе ги одмери силите со Вардар, во едно од двете дерби пресметки на неделата.

Одбраната на кумановци ќе биде под голем притисок, соочувајќи се со нападот на актуелниот лидер во Првата лига. Вардар во досегашниот тек од шампионатот е најефикасен тим со постигнати 48 гола. И покрај тешката задача, дефанзивецот Есмин Личина верува дека Башкими има капацитет рамноправно да му се спротивстави на фаворитот.

„Се соочуваме со екипата на Вардар, која моментално е лидер на табелата во Првата лига. Можам да кажам дека доста добро го започнавме пролетниот дел од сезоната. Затоа, ќе го дадеме нашиот максимум, па нека победи екипата што ќе биде подобра на овој натпревар,“ изјави меѓу другото Личина.

Натпреварот помеѓу Вардар и Башкими ќе се одигра на стадионот при Фудбалската Федерацијата на Македонија (ФФМ), со почеток во 13:00 часот.