Мустафа: Подготвени сме и мотивирани за предизвикот против Силекс!

По речиси три недели пауза поради натпреварите на нашата фудбалска репрезентација, екипата на Арсими денес се враќа на домашен терен, каде што ќе го пречека тимот на Силекс.

Во пресрет на овој натпревар, фудбалерот на Арсими, Суби Мустафа, изрази оптимизам и ја истакна работата што екипата ја завршила во текот на паузата.

„Во изминатите три недели работевме интензивно и максимално ја искористивме паузата за што подобро да се подготвиме за продолжението од првенството. Свесни сме дека не очекува тежок натпревар против Силекс, но екипата е мотивирана и подготвена за овој предизвик. Ќе го дадеме максимумот на теренот, со голема посветеност и ангажман, затоа што нашата цел е да оствариме позитивен резултат. Се надевам дека со поддршката од нашите навивачи ќе успееме да го постигнеме посакуваното“, изјави Мустафа.

Арсими има за цел да ја искористи предноста на домашниот терен и да се врати на позитивните резултати по паузата, во натпревар кој се очекува да понуди многу возбудувања и неизвесност. Натпреварот меѓу Арсими и Силекс ќе се одигра денес на Градскиот стадион во Гостивар, со почеток од 13:00 часот.