Најдовски: Со максимална концентрација и тактичка зрелост до бодови против Шкендија

Во домашниот шампионат од денеска почнува 28. рунда. Во Кавадарци попладнево на програмата е дерби дуел во кој на домаќинот Тиквеш му гостува тимот на Шкендија.

Не само затоа што гостинот е актуелен  шампион, туку ова е дерби меч затоа што домаќинот пролетва покажа завидно ниво на квалитет, на капацитет за освојување бодови, и на способност од конкурент за преселба  во понизок ранг, да се претвори во екипа која што добро игра ама апсолутно со секого.

Токму затоа Тиквеш денеска планира со сите сили да тргне по нов добар резултат, продолжение на одличната победа во Струга против Трим Лум од 1:2.

„Одигравме еден навистина добар натпревар во Струга, кој беше исклучително важен за нас. Овие три бода ни значат многу и беа клучни во овој момент. Атмосферата во тимот е одлична и продолжуваме со позитивна енергија понатаму“ – вели Никола Најдовски па додава.

„Добро го почнавме претходниот натпревар со Шкендија, први постигнавме гол и имавме контрола во првото полувреме. Сепак, во вториот дел дојде до пад на концентрацијата и натпреварот не се одвиваше како што ние посакувавме, па противникот знаеше да го искористи тој момент. Очекувам еден интересен и возбудлив натпревар, со многу динамика и борба, кој ќе биде атрактивен за гледање“  – вели стандардниот првотимец на Тиквеш, па поентира.

„Ја респектираме Шкендија, станува збор за квалитетен противник, но доколку бидеме максимално концентрирани и ги исполниме тактичките замисли во целост, верувам дека можеме да дојдеме до бодови“ – вели Најдовски.