Екипата на Шкендија цели да ја продолжи победничката серија во домашниот фудбал, како единствен тим со максимални четири победи во исто толку одиграни кола. Во петтата рунда од Првата лига, пред тетовци е гостувањето кај Силекс, кој ќе се обиде да го сопре налетот на „црвено-црните“ во Кратово. 26-годишниот напаѓач од Габон, Фахд Нзенгуе, беше оптимист пред петочниот дуел.
„Секако дека мора да продолжиме во овој ритам. Не се покажавме во право светло во Конференциската лига, па затоа целиот тим е гладен за успеси. Сакаме победа на секој натпревар и посакуваме да ја завериме шампионската титула уште пред крајот на првенството. Ова е само почеток и верувам дека пред нас е исклучително успешна сезона“, истакна Нзенгуе.

Напаѓачот игра во одлична форма и веќе постигна 3 гола на првите 4 натпревари од новата сезона, додека Шкендија суверено е на чело на табелата со максимални 12 бода. Офанзивецот посакува континуитет на перфектниот старт во ПМФЛ.
„Пред сè, ја сакаме победата. Неопходни ни се сите три бода и верувам дека нè очекува квалитетен натпревар. Имам целосна доверба во соиграчите и во стручниот штаб. Одиме по триумф, тоа е единственото нешто што ме интересира – да победиме и да продолжиме по истиот пат. Се разбира, успехот на тимот е на прво место. Дури и да не се запишам во стрелците, најважно е екипата да слави. Тимот е секогаш пред секој поединец“, заклучи Нзенгуе.
Инаку, ова ќе биде јубилејна 50-та меѓусебна пресметка меѓу овие два ривала. Во досегашните 49 дуели, Шкендија е поуспешна со 33 победи, Силекс триумфирал на 5 меча, додека 11 средби завршиле без победник. Натпреварот меѓу Силекс и Шкендија се игра во петок на стадионот во Кратово со почеток од 16:00 часот.





