По гостувањата кај Вардар и кај Шкендија, за Брегалница следува гостување и кај Струга ТЛ. Реално, распоредот сакаше во првите пет кола, штипјани да ги одиграат против трите најдобри тима во минатата сезона.
Брегалница нема освоено бод на гостински терен, со надеж дека денеска ќе го „скрши мразот“ и ќе успее да дојде до бод(ови) на гостински терен кај Струга ТЛ. Од таборот на Брегалница се свесни дека тимот мора да почне да освојува бодови и на гости, откако сите шест ги освои на свој терен, против Арсими и против Башкими.
„Солидно ја почнавме сезоната, но мораме да почнеме да земаме бодови и на гостувањата. Свесни сме дека утре се среќаваме со добра екипа, која е тешка да се победи особено на нејзин терен, но ние ќе влеземе во натпреварот со бистри глава и со една цел – победа. Брегалница мора да биде трпелива и концентрирана во текот на сите 90 минути, и грешките да ги сведе на минимум“, рече Методи Максимов.

Крилниот фудбалер потенцира дека е задоволен од настапите откако се врати во Штип.
„Задоволен сум од моите изданија, одигра три меча на кои запишав 1 гол и две асистенции, и се надевам дека ќе продолжам со добрите партии“, рече Максимов.
Фудбалерот на Брегалница вели дека целта е штипјани да бидат меѓу првите пет екипи во сезоната.
„Нашата цел е да бидеме во горниот дел на табелата. Дома играме добро, остваривме две победи, а на гости имавме тежок распоред, игравме со двете најдобри екипи, а сега играме и со третата најдобра екипа. Но, јас се надевам дека ќе почнеме да освојуваме бодови и на гостински терен“, вели Максимов.





