Одделението за лиценцирање при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во рамки на програмата за поддршка и едукација на клубовите во процесот на клупско лиценцирање, на 25 декември 2025 година во „Куќа на фудбалот“ одржа работилница посветена на постапката за добивање лиценца за учество во натпреварувањата во организација на УЕФА, како и во натпреварувањата од националниот шампионат (Прва МФЛ, Втора МФЛ и Прва ЖФЛ).
На работилницата учествуваа лицата овластени од клубовите за процесот на клупско лиценцирање, како и генералните секретари на клубовите кои во сезоната 2026/27 ќе настапуваат во европските натпреварувања и во натпреварите од Националниот шампионат.
Во рамки на работната сесија беа обработени следните теми:
Увод во клупското лиценцирање
Претставување на основните принципи и цели на системот за клупско лиценцирање, како и значењето на лиценците за долгорочната стабилност и развој на клубовите, со посебен акцент на финансиската дисциплина, управувањето и организациската структура.
Клучни критериуми за лиценцирање
Учесниците беа детално запознаени со критериумите кои клубовите мора да ги исполнат, и тоа: Спортски критериуми – резултати на клубот, развој на младинските категории и учество во натпреварувањата; Инфраструктурни критериуми – стадиони, услови и безбедносни стандарди; Административно – персонални критериуми – организациска поставеност, транспарентност, ангажман на тренери, доктори, физиотерапевти и комесари за безбедност; Критериуми за општествена одговорност – стратегии и политики за заштита и благосостојба на младите; Правни критериуми – управувачки процеси и правна структура на клубовите; Финансиски критериуми – анализа на буџетот, финансиска одржливост и транспарентност.
Процес на аплицирање и проверка
Беа презентирани роковите, клучните чекори при поднесување на документацијата и начинот на спроведување на контролата и проверката на исполнетоста на критериумите во процесот на лиценцирање.
Комуникација со Одделението за лиценцирање
Посебен акцент беше ставен на значењето на ефикасната и навремена комуникација помеѓу клубовите и Одделението за лиценцирање, како суштински фактор за успешно спроведување на постапката, обезбедување транспарентност и одржување професионални односи во сите фази од процесот.
Работилницата е дел од континуираните активности на ФФМ насочени кон унапредување на клупското работење и усогласување со стандардите на УЕФА и националните прописи.






