Пелистер денеска во Скопје ќе го одигра вториот меч во низа како гостин, откако во минатото коло во Струмица успеа да ја совлада AП Брера и со тоа да ги подобри своите шанси во борбата за опстанок.
Денес, битолчани се соочуваат со Работнички, клуб којшто ја дели нивната судбина на дното на табелата благодарение на лошите резултати од првиот дел на сезоната.
“Ниту Работнички, ниту Пелистер, не го заслужуваат местото на табелата кога ќе ги погледнете нивните состави. Нашиот противник има квалитетни играчи, интернационалци, тим кој претставува спој на младост и искуство и заслужува респект. Но, и тие како и ние се во истата борба и секој мора со ладна глава да пристапи кон овој меч кој е тежок за двете екипи. За нас, до крајот на сезоната секој меч е идентичен и бара максимална ангажираност, тактичка дисциплина и борбеност. Ние мора да се потрудиме да го одиграме нашиот дел за да имаме основа да се надеваме на поволен резултат”, изјави Марјан Секуловски.

Во дуелите од последните три кола на ПМФЛ се докажа во пракса дека секој може секого да победи, па така и овие две екипи имаа по два идентични противника, а забележаа дијаметрално спротивни резултати: со Арсими – Работнички победи, но Пелистер загуби, а со Македонија ЃП, обратно – „зелено-белите“ триумфираа, а „романтичарите“ беа поразени. Реално, и двете екипи ќе стравуваат од противникот, а ќе се обидуваат да пронајдат игра за поволен резултат.
Работнички е тим што статистички добро ја користел предноста на домашниот терен во минатото, па Пелистер последната победа во Скопје ја забележал во 2016 година.
Натпреварот меѓу Работнички и Пелистер се игра на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток од 16 часот.





