По гол и бод за Тиквеш и Арсими на дуелот во Кавадарци

Екипите на Тиквеш и Арсими ги поделија бодовите во натпреварот од 30. коло на фудбалскиот шампионат. Иако домашниот тим поголемиот дел од мечот го одигра со играч помалку, на крајот успеа да освои важен бод. Првото полувреме не понуди многу атрактивна игра, но беа постигнати два гола, додека во вториот дел Арсими го диктираше темпото, но без реализација.

Првата посериозна шанса за Арсими беше забележана по 13-та минути игра, кога Рамадани се обиде со удар , но без поголема опасност по голот на домаќините.

Клучниот момент на натпреварот се случи во 18. минута, кога Камара невнимателно интервенираше со високо подигната нога во момент кога Гафури се обидуваше да игра со глава. Главниот судија првично покажа жолт картон, но по ВАР прегледот одлуката беше преиначена во директен црвен картон, по што Тиквеш остана со десет играчи.

И покрај  тоа , Тиквеш поведе во 24. минута. По изведен слободен удар, Бесир Рамадани најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава го отвори резултатот.

Сепак, Арсими брзо одговори и израмни. Нафрлената топка на Рамадани од десната страна го пронајде Гони во налет, кој со прецизен удар ја затресе мрежата.

Во 37. минута Арсими пропушти стопроцентна шанса за водство. Стојановски излезе сам пред противничкиот голман, но Сиљановски одлично интервенираше и спречи погодок. Првото полувреме заврши со резултат 1:1.

На почетокот од вториот дел, Башким Велија се обиде со силен удар, но стативата го спаси голот на домаќините. Арсими ја продолжи иницијативата, а во 55. минута Рамадани имаше уште една добра можност, но домашниот голман повторно беше на висина на задачата.

Во самиот финиш од натпреварот, Авдули доби прилика од слободен удар, но неговиот обид не беше прецизен. До крајот резултатот не се промени и натпреварот заврши без победник 1-1.