По одличното издание во 24-то коло, и покрај тесниот пораз од Башкими (2-3), фудбалерите на Шкупи ја вратија самодовербата и со оптимизам гледаат кон следната цел – првата сезонска победа. Асан Рифадов верува дека тимот е психички подготвен за претстојното гостување кај Силекс во Кратово и ветува борба до последен здив.
„Сакам да кажам дека не е важно дали играме со младинци или со искусни играчи, Шкупи секогаш на секој натпревар оди да се надигрува, не се плашиме од никој. Тука сме да ги браниме боите на клубот до последниот натпревар и до последен здив. Очекувам фер и коректна игра од двете страни, и ние ќе се бориме за позитивен резултат, “истакна Рифадов.
Домаќинот Силекс влегува во овој дуел во евидентна криза, не знаејќи за триумф на последните четири натпревари (два порази и две нерешени средби). Сепак, историскиот биланс и традицијата се на страната на кратовци кои имаат 18 победи наспроти 12 на Шкупи, додека 11 натпревари завршиле без победник.
Последниот дуел во Кратово одигран на 10 ноември заврши со висока победа на домаќините од 5-1, а денешниот натпревар помеѓу Силекс и Шкупи започнува во 15:30 часот.





