Само победа ја продолжува последната надеж на Шкендија за титула

Шест бода разлика на три кола до крај е разликата која Вардар ја има во однос од Шкендија. Тетовскиот тим влегува во мисија да го одбрани шампионскиот трон. Двата „кикса“ поразот од Башкими на домашен терен, а потоа и ремито со Силекс скапо ги чини актуелните прваци, па дозволија нивниот најголем ривал да направи достојна разлика на три кола до крајот во ПМФЛ.

Затоа Шкендија ќе мора да ги добива натпреварите, а да чека и „кикс“ на Вардар во следните две кола, а потоа во последната етапа да дојде во ситуација меѓусебниот дуел да решава во битката за трофејот во првенството.

Тетовскиот тим ослабен ќе игра на денешниот меч против Струга ТЛ со почеток во 16:00 часот. Нема да игра најдобриот стрелец Бесарт Ибраими кој има повреда. Нема да настапат ниту Фабрис Тамба и Роналдо Вебстер поради суспензија, додека Решат Рамадани поради скинати лигаменти ќе паузира долго време. Неизвесни за настап се и Имран Фетаи и Ендрит Красниќи поради повреди, додека и Лиридон Љатифи има вирус и неговиот настап е крајно дискутабилен.

Шкендија има пред себе и финале во Купот против Силекс, па така постојат шанси оваа успешна меѓународна сезона на крајот да се заврши со трофеј.