Македонскиот претставник во главната рунда од Конференциската лига, Шкендија беше на прагот на уште едeн голем триумф во третото по ранг европско клупско натпреварување, но фудбалерите на Јагелонија на крајот успеаа да го избегнат поразот со гол во десеттата минута од судиското надополнување.
Двата тима во текот на целиот меч играа претпазливо и се стекна впечаток дека повеќе се мисли на сопствениот отколку на противничкиот гол.Фабрис Тамба ја имаше најдобрата шанса за погодок. Тој беше проигран од Зејнулаи се најде во добра позиција од десно но, неговиот удар оди само крај голот. На другата страна гостите од Полска со само еден удар и тоа од прекин, Вдовик упати прецизен шут, кој заврши право во рацете на Гаје.

Во 49. минута, Шкендија стигна до предност. По ударот од аголот што го изведе Вебстер, Лиридон Љатифи се најде на вистинското место и донесе водство за македонскиот шампион.
Во продолжението Јагелонија јалово напаѓаше кон голот на Тетовци кои трпеливо ја чекаа шансата за нов погодок. Во 79. минута Бесарт Ибраими се обиде да го изненади голманот на гостите, кој успеа да го скроти неговиот удар.

И кога сите очекуваа крај и нов триумф на Шкендија, акција на Јагелонија по левата страна, мешаница во која најдобро се снајде Серхио Лозано, кој со силен удар го совлада Гаје и среќно донесе бод за полскиот прволигаш.





