Шкендија Арачиново со нови засилувања оди по бодови во Куманово

Екипата на Шкендија Арачиново ја очекува уште еден тежок тест во 5. коло од Првата лига, каде што на гостувањето во Куманово ќе ги одмери силите со Башкими. По поразот во Струга, дебитантот во македонската елита влезе во вистински ритам со ремито против Силекс во Скопје (1-1) и големата победа над Тиквеш во Кавадарци (0-1). Сепак, поразот од Арсими (0-2) на стадионот во Чаир малку ја забави позитивната атмосфера, па раководството на клубот веднаш реагираше на трансфер-пазарот за засилување во сите линии.

Ремзифаик Селмани, 29-годишниот искусен напаѓач треба да донесе ефикасност и свежина во нападот. Во кариерата ги носеше дресовите на Шкендија Тетово, Ренова, Беса Добридол, Гостивар и неодамна на Арсими.

Абдул Руватубјаје e дефанзивец кој одлично го познава домашниот фудбал по престојот во ФК Шкупи 1927 и АП Брера, носејќи дополнителна сигурност во одбраната.

Последниот „удар“ на пазарот е Амир Нухију. Неговото враќање треба да донесе повеќе креативност и идеја во средниот ред.

Со овие засилувања, екипата од Арачиново се надева дека ќе се врати на позитивните резултати и ќе освои бодови во Куманово.

Натпреварот меѓу Башкими и Шкендија Арачиново се игра на стадионот во Куманово со почеток во 16:30 часот, а главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски.