Екипата на Башкими е во потрага по првата победа во новата сезона од Првата фудбалска лига на Македонија. Во рамките на 5. коло, Башкими на домашен терен ќе ја пречека Шкендија од Арачиново, екипа која досега има освоено 4 бода (една победа и едно реми) во домашното елитно друштво.
Домаќините влегуваат во овој меч со јасна цел, да стават крај на катастрофалниот старт на сезоната, во кој сè уште немаат постигнато ниту еден гол, а имаат примено дури 15.
„Нè очекува исклучително важен натпревар против Шкендија Арачиново. По лошиот почеток, се надеваме дека ќе им се вратиме на победи за да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Билал Исени.
Фудбалерите на Башкими се свесни дека пред себе имаат сериозен предизвик.
„Играме против исклучително добро организиран противник, па затоа пред нас е тежок дуел. Сепак, веруваме дека можеме да стигнеме до првите три бода, да ја прекинеме црната серија и да ја израдуваме нашата публика“, додаде Исени.
Во единствениот меѓусебен дуел досега во пријателски меч одигран на 25 јануари минатата година, победата ѝ припадна на екипата на Шкендија со резултат 2-0.
Натпреварот меѓу Башкими и Шкендија Арачиново се игра на стадионот во Куманово со почеток во 16:30 часот, а главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски.





