Шкендија полесно од очекуваното стигна до победа и три нови бода во Кавадарци, совладувајќи го Тиквеш со 4-1.
Гостинската екипа поведе веќе во 15. минута преку Анес Мелиќи. Следуваше помирен период, по што пред полувремето Шкендија заигра уште подобро. Прво Бесарт Ибраими одлично се уфрли низ одбраната, го навлече на себе голманот Стефан Тасев и од тешка позиција атрактивно ја протна топката зад неговиот грб. Овој гол дојде во 36. минута (0-2), а до паузата и третпат се тресеше домашната мрежа. Овој пат стрелец беше Лиридон Латифи, кој добро се снајде во шеснаесетникот и го матираше Тасев за високи 0-3 на паузата.

Во продолжението се влезе ефикасно, бидејќи во првите девет минути уште двапати се тресеа мрежите. Прво Тиквеш успеа да намали на 1-3 во 49. минута, откако корнер изведе Кристијан Стојкоски, а подзаборавен на втората статива беше резервистот Благој Стојчев, кој го постигна својот трет сезонски гол.

Сепак, надежите на кавадарчани беа скратени брзо, бидејќи во 54. минута Фабрис Тамба погоди за конечните 1-4. Од левата напаѓачка страна Латифи нафрли, топката го погоди Вареловски и незгодно се одби кон голот, а Тамба само рутински ја поттурна во мрежата.
Со оваа победа Шкендија има 67 бода, два повеќе од Вардар, кој утре ќе биде номинален гостин на Шкупи. Во следната рунда Шкендија ја очекува домашен меч со Башкими, а Тиквеш му гостува на Вардар.





