Силекс ја продолжува одличната форма, откако убедливо ја совлада АП Брера со 4:0 во првиот натпревар од 28. коло во Првата лига. Кратовци ја запишаа четвртата победа по ред и сè посериозно конкурираат за третото место на табелата.
Домашниот тим уште од самиот почеток наметна иницијатива. Првата закана ја најави Мишов во 18. минута со удар со глава, а само миг подоцна Силекс дојде до водство. По корнер од десната страна, Бутуровиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот и од втор обид ја испрати топката во мрежата за 1:0.
До крајот на првото полувреме, Силекс беше поконкретен, се редеа обиди преку Делимеѓац и Пиреш, но резултатот остана непроменет.

Вториот дел започна во ист ритам. Веќе во 48. минута, Дарко Додев го зголеми водството на 2:0, со што практично ја отвори вратата кон сигурна победа. Неколку минути подоцна можеше да следи и трет гол, но голманот Диковски се истакна со добра интервенција по обидот на Донов.
АП Брера се обиде да возврати преку Дошев, но без вистинска завршница. Казната стигна во 59. минута, кога Ади Алиќ излезе сам пред голот и рутински погоди за 3:0. До крајот, Силекс не застана, Алиќ ја погоди стативата, а конечните 4:0 ги постави Мигел Пиреш во 69. минута, крунисувајќи ја доминацијата на својот тим.





