Спахиу: Вардар сака да ги освои трите бода во Штип

Почнува вториот круг од првенството, а актуелниот шампион Вардар денеска (14 часот) гостува во Штип каде ќе се сретне со Брегалница.

Вардарци врзаа две победи во низа и планираат да ја продолжат серијата и на денешното гостување во градот под Исарот.

Офанзивецот Едиз Спахиу верува дека Вардар ќе успее да ги освои трите бода доколку тимот одигра на потребното ниво, фокусирано во одбраната и креативно и посветено во нападот.

„Одиме на победа, тоа секогаш е прва мисла за секој што го носи дресот на Вардар. Ја почитуваме Брегалница, но веруваме во сопствените квалитети и ќе се потрудиме да се наметнеме на денешниот дуел во Штип. Верувам дека ќе ги освоиме трите бода доколку одиграме на потребното ниво“, вели Едиз Спахиу.

На отворањето на шампионатот, во првото коло Вардар славеше против Брегалница со 2-0, со головите на Данев и на Закариќ. Сепак, денешниот дуел во Штип е ново искушение за „црвено-црните“.

Натпреварот меѓу Брегалница и Вардар е закажан за 14 часот на Градскиот стадион во Штип, а ќе го суди Доне Ристовски.