Ohrid Lihnidos më i miri pas pjesës së parë të sezonit në VMFL

Со победата од 2:0 на гостувањето против Осогово, фудбалерите на Охрид Лихнидос ја потврдија првата позиција на половина од шампионатот во ВМФЛ.

Охриѓани до единаесеттата победа во првенството дојдоа откако во листата на стрелците се запишаа Давид Матески во седмата и Јахја Абдулхади во 26. минута.

Второто место му припадна на Пелистер кој исто така со 2:0 триумфираше на гостувањето против Еуромилк. Головите за Битолчани ги постигна Иван Ивановски, првиот во 14-тата, а вториот во 56. минута и тоа по прецизно изведен удар од 11 метри.

Работнички како гостин играше без голови во мечот против Детонит Плачковица, а со идентичен резултат заврши и натпреварот Кожув – Македонија ЃП.

Тетекс триумфираше над АП Брера со 4:1 во меч во кој сите пет гола беа постигнати во второто полувреме. Домаќинот поведе со голот на Славчо Мисајловски во 50. минута. Само шеесетина секунди подоцна Иван Галевски зголеми на 2:0, а во 55-тата Мисајловски повторо се запиша меѓу стрелците за водство на Тетекс од 3:0.

Матеј Сејменов во 85-тата минути намали на 4:1, а конечните 4:1 ги постави Етник Беџети во третата минута од судиското надополнување откако прецизно реализираше удар од 11 метри.

Новаци славеше над Шкупи со 2:1. Гостите поведоа во 24. минута преку Арда Нуредин. Во 66-тата Андреј Сиљаноски го израмни резултатот, а победата на домаќинот му ја донесе Никола Талески во 69. минута од средбата.

Беласица триумфираше со 3:1 на натпреварот против Камјани. Михаил Димитриевски во 29. минута го постигна првиот гол за Струмичани. Во 37-та, Давид Спасов зголеми на 2:0,  а третиот гол за Беласица беше дело на Михаил Танчев на пет минути пред крајот. Арсим Љамалари во првата минута од судиското надополнување го постигна единствениот погодок за гостите.

По 13 одиграни кола Охрид Лихнидос има 34 бода, три повеќе од Пелисте додека третопласираниот Работнички има 28 бода и натпревар помалку (против АП Брера). На четвртата позиција е Камјани со 20, а следуваат Тетекс и Беласица со 19 бода.

Напаѓачот на Охрид Лихнидос, Антонио Каланоски со 12 гола е најдобар стрелец по првиот дел од сезоната во ВМФЛ. Осум пати прецизен беше Иван Ивановски од Пелистер, а по шест погодоци постигнаа Александар Богдановски (Работнички), Давид Матески (Охрид Лихнидос) и Владимир Жоглев (АП Брера).